Министерот за односи меѓу заедниците, Агон Ферати, им се заблагодари на парламентарното мнозинство за поддршката, дадениот глас и укажаната доверба со неговиот избор на оваа функција.
Министерот Ферати истакна дека изборот на чело на Министерството за односи меѓу заедниците претставува голема чест, но пред сè значајна јавна одговорност.
„Довербата што ја добив денес ја прифаќам како обврска за чесна работа, отворен пристап и конкретни резултати во служба на граѓаните“, изјави министерот Ферати.
Тој нагласи дека работата на Министерството ќе се темели на транспарентност, дијалог и соработка, со цел унапредување на односите меѓу сите заедници и градење институционална доверба.
„Од денес започнуваме поинаку“, истакна министерот Ферати, додавајќи дека приоритет ќе биде одговорната работа во интерес на сите граѓани.