23 Мај – ден на гордост и традиција на влашката заедница
Националниот ден на Власите е ден на гордост, традиција и идентитет, кој нè потсетува на значајниот придонес на влашката заедница во општествениот и културниот развој. По тој повод, упатувам искрени честитки до припадниците на влашката заедница, со израз на длабока почит кон нивното културно наследство, јазик и вековни обичаи.
Овој ден претставува можност да се нагласи важноста од зачувувањето и унапредувањето на културниот идентитет, како и да се потврди нашата заедничка определба за градење општество засновано на почитување, толеранција и еднаквост. Влашката заедница со својата автентичност е нераскинлив дел од повеќекултурниот мозаик на нашата држава.
Нека овој празник биде поттик за понатамошно негување на традицијата, јакнење на заедништвото и унапредување на вредностите на соживот и меѓусебна почит.
Ви посакувам 23 Мај да го одбележите во здравје, радост и достоинство, порача во својата честитка заменик-претседателот во Владата на РС Македонија и министер за односи меѓу заедниците, г. Иван Стоилковиќ.
