Министерот за односи меѓу заедниците, Агон Ферати, одржа брифинг со претставници на медиумите, на кој ги претстави главните насоки за функционирањето на Министерството во претстојниот период.
На средбата се разговараше за актуелната институционална состојба, потребата од зајакнување на внатрешните капацитети, подобрување на координацијата меѓу секторите и зголемување на ефикасноста во креирањето и спроведувањето на политиките поврзани со односите меѓу заедниците.
Министерот Ферати истакна дека фокусот на работата на Министерството ќе биде насочен кон воспоставување постратешки пристап, зајакнување на аналитичките и истражувачките капацитети, развој на институционални и меѓународни партнерства, како и создавање потранспарентни, поправични и поурамнотежени механизми за распределба на јавната поддршка.
Тој нагласи дека институција чија мисија е унапредување на еднаквоста, меѓузаедничкиот дијалог, соживотот и инклузивноста, пред сѐ, треба самата да биде пример за добро управување, професионалност, интегритет и институционална правичност. Само институција која доследно ги применува овие принципи во своето секојдневно функционирање може со кредибилитет да ги промовира во општеството.
Посебно внимание беше посветено на улогата на медиумите во зајакнувањето на дијалогот, стабилноста и општествената кохезија. Министерот Ферати истакна дека отворената комуникација и партнерството со медиумите се од суштинско значење за градење доверба меѓу институциите и граѓаните. Во таа насока, тој упати повик медиумите, во согласност со професионалните стандарди и нивната јавна одговорност, да придонесуваат за изолирање на наративите што поттикнуваат омраза, поделби или провокации врз етничка, верска или друга дискриминаторска основа, промовирајќи култура на дијалог, меѓусебна почит и соживот.
Во рамките на брифингот се разговараше и за потребата од посеопфатен пристап во креирањето на јавните политики, со цел активностите на Министерството да придонесат за зајакнување на соживотот, еднаквите можности, институционалниот развој и подобрувањето на квалитетот на животот на граѓаните.
Министерството за односи меѓу заедниците останува посветено на транспарентна работа, соработка со медиумите и зајакнување на политиките што градат доверба, општествена кохезија и одржливи односи меѓу заедниците.