Министерот за односи меѓу заедниците, г. Агон Ферати, денеска оствари посета на Универзитетот „Мајка Тереза“ во Скопје, каде што беше пречекан од ректорот, проф. д-р Беким Фетаи, заедно со неговите соработници.
За време на средбата, ректорот Фетаи, придружуван од проректорот за настава, проф. д-р Фати Исени, како и од проф. инор. д-р Мурат Алиу, го информираше министерот Ферати за актуелните состојби на универзитетот, инфраструктурните проекти, предизвиците со кои се соочува институцијата, како и за тековните процеси насочени кон унапредување на високото образование и подобрување на академските услови.
Соговорниците ја истакнаа важноста на соработката меѓу државните институции и високообразовните установи, со цел создавање подобри услови за студентите, поддршка на академскиот развој и зајакнување на улогата на универзитетите во општествениот развој.
Министерот Ферати ја нагласи важноста на континуираната комуникација со академските институции и разгледувањето на прашањата поврзани со развојот на образованието, можностите за младите и перспективите на новите генерации.
Во рамки на посетата, министерот Ферати учествуваше и на панел-дискусијата на тема „Охридскиот рамковен договор и генерацијата што не чека: 25 години зад нас, 25 години пред нас“, на која беа разгледани развојот во изминатите 25 години од потпишувањето на Охридскиот рамковен договор, неговото значење за меѓуетничките односи и перспективите на новите генерации во изградбата на едно инклузивно општество.